Пижами за на работа!

Пижами за на работа!

Фриленсинг. Се чини како кариера од соништата, нели? Без шеф, без распоред и канцеларија, само вие и вашите правила. Иако дел од тоа е вистина, во позадина има многу повеќе. Како и сè во животот, и oваа работа има свои позитивни и негативни страни, предности и недостатоци. Денес ќе се фокусираме на предностите, бидејќи со новонастанатите околности ги има сè повеќе и повеќе.

 

Иако произлезе од несакани околности, присилното пренасочување кон работењето од дома се покажа како изводливо (благодарение на технологијата), привлечно (има позитивен ефект кај луѓето) и продуктивно. За волја на вистината, разликата помеѓу фриленсерите и вработените е всушност и незабележлива кога и едните и другите работат од далечина(дома). Изводливоста на овој начин на функционирање е резултат на технолошките подобрувања и создавање на платформи за комуникација како што се Zoom, Whereby, Slack и уште многу други, и предпандемиското искуство со хонорарни активности како и напредокот на софтверските решенија кои ја подобруваат брзината, поврзаноста на луѓето и следењето на продуктивноста.

 

Во продолжение ќе прочитате неколку совети кои со надеж ќе ви бидат од корист доколку се одлучите да работите како фриленсер.

 

Флексибилност на избор

 

Под флексибилност, се подразбираат работи како што се изборот на вашите клиенти, вашите проекти и општата ниша, индустрија во која би сакале да работите. На пример, како фриленс писател, може да се одлучите за пишување на блогови, за реклами, copywritting или за пишување текстови за проекти. Доколку пак имате искуство со програмирање, моменталниот пазар има огромна побарувачка на речиси сите видови на профили на програмери, од front-end и back-end девелопери до full-stack програмери.

 

Исто така можете да изберете колку часови од денот ќе работите. Додека некои претпочитаат да работат 20 часа неделно, други можеби ќе сакаат да работат 60 или пак нешто помеѓу. Сепак тоа е ваш личен избор. Можете дури да работите 60 часа една недела и 20 следната. Сè се сведува на ефикасно и продуктивно управување со вашето време и завршување на работата.

 

Како што ќе стекнувате искуство, исто така ќе можете да бидете селективни со проектите што ќе одбирате да ги работите. На пример, ако сметате дека клиентот не ви плаќа доволно за одредена работа, можете, и треба да одбиете. На крајот на краиштата, вие сте сопственикот на вашиот бизнис, а не вработен. Тоа е нешто што секогаш треба да го имате на ум!

 

 

Живот како фриленсер

 

Секој од нас сака да преземе контрола врз својот живот, нели? Сепак, кому не би му се допаднала идејата да може да работи каде било или во кое било време? Тоа е само уште една придобивка која ја имаат фриленсерите. Ако сте утрински човек, можете да работите рано и потоа да ги имате цел ден пред вас, ако пак станувате подоцна и полесно ви е да се фокусирате ноќе, можете да работите и навечер. Исто така, многу често ќе бидете независни и од локацијата, што значи дека можете да работите каде и да посакате. Дали тоа ќе биде во локалното кафуле полно со луѓе и врева во кое се чувствувате пријатно или пак доколку сакате да работите од удобноста на вашиот дом, вашата софа може да биде одлична канцеларија!

 

 

Избегнувајте ги вообичаените ритуали

 

Кога работите во фирма или компанија мора да се држите до одредено работно време како и одредени правила и кодекси на однесување кои и можеби не се толку строги но сепак мора да се почитуваат и ве присилуваат на одредена рутина. Најчесто тоа значи наместен аларм, одреден дрес код и патување до работа секое утро, кое може да биде прилично досадно и да ви одземе време кое инаку би го искористиле да правите нешто продуктивно и корисно. Можеби ќе заглавите во сообраќај, ќе го пропуштите автобусот или едноставно ќе се успиете, поголемиот дел од луѓето го прават истото патување, секој ден и кога се враќаат, повторно е истата приказна.

 

Кога работите фриленс, не мора да поминувате низ ништо од тоа. Ќе имате свое работно време кое нема да биде во истиот период секој ден и ќе заштедите на време и пари со оглед на тоа што како што спомнавме вашата софа може да биде и одлична канцеларија.

 

 

Преземете контрола врз вашите приходи

 

Кога работите за некого, имате одредена плата или плаќање по час(саатница). Таа саатница е обично фиксна или со одредени проценти базирани врз перформанси и таргети (ако сте на продажба на пример). Како фриленсер, вие не само што имате поголема контрола врз вашиот приход, туку имате и можност да заработите повеќе.

 

Прво, да споменеме дека заработувањето повеќе доаѓа со искуство. Кога ќе созреете како фриленсер и ќе имате богато и полно портфолио, можете да започнете и со делегирање на работи кои не можете или немате време да ги завршите на други фриленсери нешто што не е честа пракса но може да има огромно позитивно влијание врз вашите приходи. Можете исто така да ја зголемите вашата цена , да користите повеќе приливи на приходи, да обучувате други, итн. Има многу опции и ништо не ве ограничува освен вашата имагинација.

 

 

Дадете си одмор кога чувстувате дека ви е потребен

 

Иако ова е последниот совет можеби е еден од најважните кога работите фриленс. Голем дел од фриленсерите, особено успешните, не знаат кога е време да си дадат еден добро заслужен одмор што најчесто се должи на големата побарувачка, нивното континуирано работење и големите заработки кои всушност ги ставаат во еден круг од кој тешко можат да излезат и крајниот резултат е хроничен умор, стрес и намалена продуктивност.

 

Затоа е важно да запомните дека иако парите и проектите се супер, сепак сите сме луѓе и не можеме да функционираме без барем мал одмор од време на време за да продолжиме со нови сили за претстојните проекти и предизвици.

 

 

Useful tips and recommendations:

 

Кога започнувате со работа како фриленсер, не е лоша идеја да прифаќате и клиенти кои плаќаат помалку со цел да стекнете поголемо искуство и да изградите посилно портфолио. Да, можете да бидете селективни кога се работи за одбирање на кој проект ќе работите... но имајте во предвид дека одредени индустрии или проекти се повеќе платени од други и доколку за одредена работа би ве платиле помалку не значи дека тоа не е соодветна цена за тој проект. Обидете се да најдете место и одредено време во кое чувствувате дека сте најпродуктивни и потоа, полека изградете си навика да работите околу време.

 

 

Something to think about

 

Во април 1975 година, додека бил во локален бар со еден пријател, Гери начул група на луѓе како се жалат на нивните миленици. Ова го поттикнало за идејата совршено „милениче“, камен. Бидејќи каменот нема потреба да се храни, да се шета, да се бања или да се дотерува, и никогаш нема да умре, да се разболи или да биде непослушен. Дал рекол дека камењата би биле совршени миленичиња и сериозно ја сфатил својата идеја за „милениче камен“. Неверојатно чудна и смешна идеја која му донела 15 милиони долари за само 6 месеци што денес би биле околу 74 милиони долари!

 

Иако звучи како нешто ретко и невозможно, случајот на Гери е прилично сличен со работењето како фриленсер. Никогаш не знаете кој е вашиот скриен талент кој можете да го искористите да работите како фриленсер, работа која ќе ве исполнува и во исто време ќе ви донесе убава заработка.

 

Доколку сè уште не сте го откриле вашето милениче камен, погледнете ја целата програма на Rework на следниот линк rework.mk и можеби и вие ќе се пронајдете во некоја од академиите и курсевите кои можеби во не толку далечната иднина ќе ве направат милионер.

 

И за крај една корисна изрека која секој нов фриленсер треба да ја знае:

 

“If you are good at something, never do it for free!”

Matea Londza Shumkovska
18/01/2021